ЕТВИНИНГ НАСТАН - ИНИЦИЈАТИВА ЗА ОБУКИ ЗА НАСТАВНИЦИ

 

Петок, 21 јуни 2019 година

 

Претставничката од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ (УКИМ) – Скопје, д-р Анета Наумоска, која првпат учествуваше на настан од ваков тип, заедно со одговорната раководителка на еТвининг во Р. С. Македонија, г-ѓа Мила Протуѓер-Анастасова, беа учесничките од републикава на овогодинешниот еТвининг настан одржан во Брисел, Белгија.

Настанот здружи 144 луѓе (претставници на национални агенции, професори, студенти) од 35 различни земји.

Целта на овој настан беше: да се претстави еТвининг и оваа иницијатива на сите претставници/професори од институции кои произведуваат наставен кадар (teacher training institutions), да се консолидираат минатите искуства од еТвининг преку одбрани презентации на претставници, да се споделат успешни приказни и добри практики од еТвининг проекти и да се дадат насоки за идни проекти, да се презентираат алатките и можностите што ги нуди оваа платформа, да се дискутира за потребите и очекувањата на токму овие професори во својот специфичен и индивидуален контекст, и најважно од сè меѓусебно да се запознаат колеги и колешки од други земји со кои би воспоставиле меѓуинституционална соработка не само за еТвининг туку и за Еразмус+.

Првиот ден, 27 мај, започна со воведните инспиративни говори на Вилхем Вукович, од Европската комисија, и Санти Скимека, од еТвининг Central Support Service. По нив следеа презентации за тоа дали институциите кои се задолжени за произведување на наставен кадар навистина ги подготвуваат студентите за нивната идна улога на наставници. Исто така, беше подетално претставена оваа иницијатива и нејзиното значење, т.е. еТвининг инцијативата токму за овие институции. Дури и термините teacher trainer и student teacher беа детално објаснети, што беше од особено значење бидејќи сржта на овој настан беше наменет токму за нив.

Вториот ден, 28 мај, беше исполнет со корисни работилници и одлично одбрани презентери, а темите кои беа покриени навлегоа во суштината на педагогијата на еТвининг, еТвининг како мрежа за учење, како и еТвининг (проекти) во курикулумот. Секоја работилница имаше јасна цел и порака, на крајот на работилницата имаше време за дискусија/прашања, и презентерите се држеа до временската рамка. По работилниците, попладнето, дадено беше време учесниците да пронајдат свој партнер (или партнери) со кој/-и би започнале понатамошен еТвининг проект.

Третиот и последен ден од настанот, 29 мај, беше главно насочен кон идната соработка помеѓу учесниците, преку т.н. World Café, односно учесниците во својата мала група дискутираа за овие шест теми: бенефити за институцијата како резултат на нивното учество во еТвининг, начини да ги вклучат своите студенти, предизвици со кои би се соочиле, поддршка која би им била потребна од нивната национална агенција, што може таа да понуди во еТвининг заедницата, како и можности за истражување.

По ваква агенда исполнета со работилници и дискусии се отвора широк простор за размислување околу идните текови на еТвининг проекти помеѓу студентите од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и студенти од сродни факултети надвор од границите на земјава.

Позитивен впечаток од настанот беше организираноста и мноштвото информации кои беа споделени. Исто така, запознавање на нови колеги и колешки од бројни земји, потоа дискусија за нашите образовни контексти/системи и за изнаоѓање на оптимална средина за еТвининг проекти, кои понатаму можат да прераснат во Еразмус+ проекти.

Сето ова придонесува кон одлични резултати и квалитетни проекти на еТвининг платформата, што дополнително ги мотивира професорите.  

 

Назад