Известување до идните апликанти, корисници на грант и други засегнати чинители

05-02-2020 16:55

Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (натаму Национална агенција), ги известува корисниците и потенцијалните апликанти на програмата Еразмус + (училишта, градинки, универзитети, здруженија на граѓани, млади и младински организации итн.) дека голем број на „експерти“, „консултанти“ и економски оператори кои нудат услуги за пишување/спроведување на Еразмус+ проекти во името на Националната агенција го прават тоа на своја рака и дека Националната агенција нема никаква соработка – ниту институционална, ниту приватна - со ниту едно физичко или правно лице и се оградува од нивните комерцијални активности.

Имено, една од клучните цели на програмата Еразмус + преку спроведувањето на проектите е да ги гради капацитетите на своите корисници за самостојно имплементирање на истите. За таа цел, вработените во Националната агенција во последните две години беа испратени на бројни обуки за да можат да понудат подобра поддршка на своите корисници. Во текот на минатата 2019 година, Националната агенција организираше бесплатна обука на повеќе од 600 потенцијални корисници од сите сфери на образованието и младите само за да биде поблиску до своите корисници.
Националната агенција е свесна дека во пазарна економија секој има право да нуди експертски услуги на отворениот пазар, но сакаме да нагласиме дека нивниот квалитет е сомнителен и честопати не соодветствува со правилата на програмата Еразмус+. Најчести проблеми на кои наидува Националната агенција кај своите корисници кои функционираат со вакви „недекларирани“ посредници се:

• Спроведување постапки за јавна набавка,
• Склучување договори со економски оператори за реализација на проектите иако Договорот за грант јасно посочува дека активностите на проектот не смеат да бидат предмет на поддоговарање,
• Давање на целиот износ на економски оператор низ постапка на јавна набавка, и
• Овозможување на економските оператори неовластен пристап до алатките на програмата пришто се прекршува правото на заштита на личните податоци итн.

Националната агенција ги известува своите корисници дека економскиот оператор не смее да ги извршува следниве функции (ниту да биде платен) при реализацијата на проектните активности:
- Изработка на договори за учење,
- Изработка на договори за проверка и обезбедување на квалитет на практиката,
- Изработка на Europass сертификати,
- Изработка на сеопфатен извештај во Алатката за мобилност (Mobility Тool).

Погоре наведените активности претставуваат нарушување на бројни правила на програмата Еразмус+ и искрено ги советуваме нашите корисници да не си ги трошат ограничените ресурси на непотребни економски оператори.

Назад