Комениус семинар, 07-10 октомври Скопје

    Од 07 до 10 октомври во хотел Балзак во Скопје беше одржан семинар за потпрограмата Комениус во организација на австриската агенција КултурКонтакт. Коорганизатори на настанот беа австриската национална агенција и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност на Република Македонија. На семинарот присуствуваа претставници на Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образование, промоторите на Програмата за доживотно учење во Македонија и на Националната агенција.

    Координаторот на потпрограмата Комениус за Македонија, г-ѓа Мерсиха Исмајлоска, и координаторот на еТвининг акцијата, г-дин Дејан Златковски, ги запознаа присутните со активностите на Националната агенција во Подготвителната фаза на Програмата за доживотно учење во Македонија, и подготовките за полно учество во програмата, со акцент на потпрограмата Комениус.

    Од страна на претставниците на австриската национална агенција, беше даден сеопфатен приказ на Програмата за доживотно учење на ниво на Европска Унија и нејзината имплементација во Австрија. За потребите на македонските промотори, гостите од Австрија детално ги презентираа методите за промоција и видовите на активности што во австриската агенција ги користи при промоцијата и приближувањето на потпрограмите до крајните корисници. Претставниците на австриската агенција ја потенцираа важноста на соработката помеѓу училиштата на меѓународно ниво.

    Присутните исто така имаа можност да ги слушнат искуствата на Д-р Елизабет Лангер, од Универзитетот во Виена, за нејзните практични искуства во креирањето на ефективни Комениус и еТвининг партнерства, планирањето на проектите, креирање на буџет, процесот на аплицирање, имплементација на проектите и креирањето на завршни извештаи. Во дискусија со промотерите и Националната агенција беа испитувани нови начини за зацврстување на соработката помеѓу промотерите на национално ниво и понатамошно подобрување на промоцијата на Програмата за доживотно учење.

    На последниот ден од семинарот, Д-р Лангер одржа презентација пред поширок аудиториум составен од наставници и директори на училишта од цела Македонија.

Назад