Прашања за Евридика експерт

Интервју со Проф. Д-р Мишо Докмановиќ

10 мај 2019 г.

НА: Професоре, какви се Вашите импресии од учеството во изготвувањето на еден Евридика извештај, во смисла на организацијата на процесот, релевантноста на темата и споредливоста на нашиот образовен систем со европските?

М.Д.: Минатата година за првпат ми се укажа можноста да учествувам  во подготовката на Евридика извештај во делот на високото образование. Во секој поглед тоа беше ново искуство за мене особено поради различните гледишта и методологија кои Европската Унија ги применува во делот на трошоците во високото образование. Нашиот високообразовен систем на формално ниво е усогласен со европскиот простор на високо образование, но постојат многу области каде што може да се подобри. Исто така, европското гледање на определени прашања се разликува од нашите. Конкретно, во рамките на извештајот кој го подготвував во врска со трошоците во високото образование, нашите востановени перцепции се сведуваат на висината на школарината за студиите, за разлика од европските искуства кои ги вклучуваат сите трошоци кои настануваат за студентот во текот на студиите.

НА: Дали имате препораки за носителите на одлуки и креаторите на реформите во земјава во контекст на важноста и употребливоста на Евридика извештаите во подобрувањето на националниот образовен систем? Што можеме да научиме од Евридика?

М.Д.: Мислам дека јавноста во нашата земја не е подетално запознаена со можностите кои ги нудат Евридика извештаите и тоа во сите сфери на образованието. Станува збор за извештаи кои се подготвуваат преку унифицирана методологија во сите опфатени земји и од кои може да се извлечат информации за многу значајни прашања во образовниот процес како на национално така и на меѓународно ниво. Од тие причини, се чини дека постои потреба за запознавање на надлежните носители на интереси особено во делот на јавната администрација. Тоа ќе овозможи подобрување на нивните капацитети, но и намалување на трошоците и времето за изработка на анализи за исти или слични прашања. 

НА: Како национален Евридика експерт, но и обучувач на персоналот на НА за обезбедување на квалитет на процесите поврзано со евалуацијата на Еразмус+ проектите, каков е вашиот став во однос на користењето на Евридика извештаите во понатамошните истражувања и проектните апликации како поткрепа за нивната оправданост?

М.Д.: Морам да признам дека апликантите за проектите на програмата Еразмус+ многу ретко ги користат овие извештаи иако истите нудат голем број на релевантни информации за нивните апликации. Во речиси сите апликации на акциите се бара да се образложи целта на проектот и потребите на целните групи. Во таа смисла, овие извештаи може да понудат солидна аргументација за успешен проект и најтопло ги препорачувам на вашата публика односно потенцијалните апликанти.

Не треба да се заборави дека ние во програмата Еразмус+ имаме статус еднаков на членките на Унијата. Тоа е статус кој нас нѐ изедначува со останатите програмски земји и тоа треба да се искористи преку промоција на програмата, како и на поголем број на апликанти за овие програми од Северна Македонија.  

Назад