УЧЕСТВО НА ТРЕТАТА ЕВРОПСКА НЕДЕЛА НА СТРУЧНИ ВЕШТИНИ

Вторник, 11 декември 2018 година

Третата европска недела на стручни вештини (European skills week), во организација на Европската комисија и ЦЕДЕФОП, се одржа во Виена, Австрија од 5 до 9 ноември.

Мотото на неделата беше „Откријте го вашиот талент", а целта да се покаже дека ВЕТ е паметен избор што води до успешни резултати во образованието, висококвалитетни работни места и зголемени можности за вработување.

Претставничките на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, г-ѓа Лулеса Илјази, раководител на Секторот за стратешки партнерства од областа на образованието, обука и млади и г-ѓа Марија Стефковска од Одделение за мобилности од областа на стручно и училишно образование посетија едносредно стручно училиште во Виена, каде беа срдечно пречекани од директорот на  текстилното и информатичко училиште и  каде имаа кратка презентација на сите нивни активности.

Потоа посетија училиште каде што се одвива практичната обука и теоретска настава на учениците. Тие беа воодушевени од организираноста на наставата по кабинети (работилници), како и од нивната опременост со нагледни средства. Учениците заедно со професорите им презентираа дел од својата работа: како се принтаат слики на материјали, како се слика на стакло, изработка на роботи и очила како дел од секторот за вештачка интелегенција; како се снимаат звуци за цртан филм во сонолошко студио итн.

tl_files/docs/eplus/2018/Images/dec2018/vienna/vienna1.png

Настанот Трета европска недела на стручни вештини се одржуваше во просториите на Стопанската комора во Виена, на кој учествуваа релевантни личности од ВЕТ секторот како што се директорката на ЦЕДЕФОП, раководители на ВЕТ секторот од Европската комисија, раководители и професори од познати универзитети, УНЕСКО, министерот за образование на Австрија и многу други.

Во текот на главната недела во Виена, се одржaa серија настани и активности - вклучувајќи конференција за печат, конференции, работилници, посети и церемонија за доделување награди.

На конференцијата се дискутираше за три основни сценарија концепирани врз основа на истражувањето на ЦЕДЕФОП, кои се однесуваат на идната улога на стручното образование и обука во Европа.

Последниот ден се доделуваа награди, односно признанија за добра работа - мотивирање на оние поединци и организации кои работат со стручно образование и обука. 

Притоа, беа претставени најдобрите примери за стручно образование и обука од цела Европа, со цел да се изградат нови мрежи, да се прошират постоечките и да се создадат нови можности за кариера.

tl_files/docs/eplus/2018/Images/dec2018/vienna/vienna2.png

Назад