Успешна приказна од мобилност на ученици на АСУЦ Боро Петрушевски Скопје во Вилнус, Литванија

ИНТЕРВЈУ СО АЛЕКСАНДАР ВЕЛИНОВСКИ, УЧЕНИК КОЈ ПОСЕТУВАЛ ПРАКСА ВО АВТОМОБИЛСКИТЕ ГИГАНТИ ВО ЛИТВАНИЈА - ПРЕВЗЕМЕНО ОД ДНЕВНИОТ ВЕСНИК ВЕЧЕР (http://www.vecer.mk/default.asp?ItemID=0BC81CFA6AB8744BA29077BE96FCC255)


На нас гледаа како на обични ученици, дојдени некаде од Македонија кои не ги разбираат работите како мајстори со долгогодишно искуство. Сепак, им докажавме дека сме квалитетни, вели Велиновски


Александар Велиновски е поранешен ученик во средното стручно училиште АСУЦ "Боро Петрушевски", кој преку програмата за мобилност Леонардо да Винчи на Националната агенција за европски програми и мобилност посетувал обука во Литванија за автомеханичари. Искусил каква е работата во современите сервиси на автомобилските гиганти "Волво", "БМВ" и "Пежо" како и практичната настава во Литванија, искуства кои ги споделил со соучениците и кои ги раскажуваше за "Вечер"

Како учесник во акцијата "Мобилности" од програмата на Националната агенција за европски програми и мобилност, кажете ми која држава ја посетивте, колку време престојувавте и каква практична обука поминавте?
- Преку проектот од програмата Леонардо да Винчи, ние ја посетивме Литванија поточно градот Вилнус. Таму бевме 14 дена, а престојот беше поделен во два дела. Првата недела имавме часови по теоретска настава која се одвиваше во училиштето кое е проект координатор на АСУЦ каде имаше и практична настава. Многу е интересно што за разлика од кај нас, теоријата и практиката се склопени и на пример, теоријата се учи во училница која е полна со автоделови, макети од мотори кои практично работат. Позитивната страна на овој концепт е тоа што го раскажува професорот ние во моментот го гледаме и токму тоа се врежува во умот, дава особен впечаток и едноставно не се заборава и најдобро се учи. Обуката ја добивме во втората недела кога ние практично работевме во овластени сервиси на "Пежо", "БМВ" и "Волво". Тука менторите ни беа огромна поддршка. Тие постојано беа со нас, се грижеа за нас, ни помагаа кога имавме проблем со јазикот, ни носеа стручна литература за автомобилот. Ние работевме во еден оддел од сервисот и тука секој си ја врши својата работа и буквално нема време да се заврти да праша нешто. Мајсторите не ни приметија дека ние не сме нивни колеги. Работевме на неколку возила во текот на денот. Морам да кажам дека ги изненадивме нашите ментори во сервисите. Работата што тие планираа да ја сработиме за четири-пет дена, ние ја сработивме за ден и пол. На нас гледаа како на обични ученици, дојдени од таму некаде од Македонија кои не ги разбираат работите како мајстори со долгогодишно искуство. Сепак, им докажавме дека сме квалитетни. Работевме монтажа и демонтажа на менувач на возило, промена на склоп, ламела, потисна и друг лагер, промена на амортизери, промена на плочки на БМВ, контрола на течности, промена на моторно масло, филтри.

Какво искуство донесовте во Македонија во смисла на стекнато знаење, искуството од новата околина и начинот на работа во странска држава?
- Се работи брзо, ефикасно, без чекање. Што би се рекло, работата започнува уште кога ќе влезе автомобилот во сервис. Посебен мајстор за спецификација го пречекува сопственикот кој ќе каже што треба да се поправи. Тој го прегледува целосно возилото и за неполни пет минути му дава лист и му кажува кои други работи можат да се поправат и дека се што сака може да се санира за точно определено време. Веднаш се набројуваат потребните делови, точната сума уште на самиот влез на возилото што донекаде го нема кај нас. Го има во поголемите сервиси, но не е како кај нив. Тука се разбира е и опремата која е далеку посовремена од нашата. Кога би ја имале таа опрема тука секако дека би работеле подобро. Што се однесува на техничкиот дел, во најмалиот сервис во кој бевме имаше околу 15 дигалки на секоја дигалка автомобил на кој работи посебен тим.

Можете ли да ни ги посочите разликите меѓу практичната обука која ја добивте во странство и тукашната пракса?
- Најголема разлика во праксата што ја добив во Литванија и нашата пракса е токму опремата. Таму има посовремена и поскапа опрема. Кај нас има опрема, ама на пример ако неколку возила излезат од сервис за еден час во Литванија кај нас тоа би било три дена бидејќи опремата е стара. Има разлика и во тоа што таму теоријата ја учиме на пример во училница каде имаат огромен арсенал на делови од современи автомобили додека нашите училници се обични училници, што е еден одличен склоп на теорија и пракса. Во АСУЦ поседуваме речиси се што има и таму, но дваесетина години постаро. На пример, таму има мотор на ауди од 2008 година од најслаб до најсилен, дизел и бензинец додека ние работиме на мотор од голф 1. Имаат посовремени и машини, компјутери.

Дали знаењето кое го стекнавте ве прави сигурен во себе од аспект на своите способности како поквалификуван кадар на пазарот на труд
- Секако. Тоа што го научив ме прави да се чувствувам посигурен бидејќи е одлично искуство од аспект на учење нешто ново и останува некаде во меморија. Јас тие работи сум ги видел и тука, но кога ќе видиш некој друг начин на работа, поинаков пристап, тоа е од голема важност за мене. Можам да кажам, дека после искуството во Литванија моите компетенции се на повисоко ниво.

Го пренесовте ли искуството на вашите соученици и дали сметате дека можете практично да го искористите и дали воопшто сте го искористиле?
- Јас не бев сам во Литванија. Уште седум луѓе имаше со мене и можам да кажам дека најмногу од таа посета искористи мојот пријател Никола кој освои прво место во автомеханика во АСУЦ во внатрешна селекција на училиштето. Понатаму, Стефан Величковски, исто така мој пријател освои прво место за мехатроника на натпревар во Македонија. Тоа искуство, таа пракса ја искористивме за некои натпревари. Никола потоа отиде во Прага и освои трето место на натпревар. Јас не учествував на ниеден натпревар од други причини, но сигурен сум дека и јас би можел да извадам добро место. Искуството кое таму го стекнав, додека учев се трудев да им го пренесам на учениците кои добро ги примаа моите совети и голем дел од нив го продолжија образованието на пример на Машински факултет и слично. Сепак, јас тоа можев да го пренесам само на учениците од мојот клас. Јас се трудев и во разговорите со професорите од пракса да го кажам тоа што сум го научил и видел во Литванија за практичната настава.


Учениците се нашата иднина

Проектите од програмата Леонардо да Винчи донесоа огромна свежина во образованието, а ние учествувавме во два проекта за мобилност на ученици и наставници, вели директорката на АСУЦ "Боро Петрушевски" д-р Соња Ристовска.
- Првиот проект е "Современи технички достигнувања во областа на автомобилската мехатроника". Во рамките на овој проект, осум ученици и две професорки беа две недели во Вилнус, Литванија, каде работеа во современи сервиси. Постигнавме многу повеќе од очекувањата заради тоа што учениците се стекнаа со нова пракса која во наши услови не можеа да ја постигнат. Истовремено се подготвуваа за меѓународен натпревар за автомеханичари на кој учествуваме повеќе од 10 години. После Литванија, тие покажаа повисоки резултати и многу сме задоволни од тој проект, рече Ристовска.

Таа говореше и за вториот проект за мобилност на наставници. Преку него, пет наставници заминале во Шведска и пет во Естонија да разменат стручни искуства.
- Овој проект беше со општ карактер, но е од специјално значење. Имавме споредба на наставните планови и програми како и на стручните предмети и општите предмети. Разменивме искуства за методите кои се користат на часовите, начинот на организирање на практичната настава, поврзаноста на теоретската со практичната настава, користење на англискиот јазик во функција на струката, размена на стручна литература, која може да ни помогне многу во нашата организација на наставата, соработката со партнерските држави. Дополнително, наставниците ги посетија и сервисите и салоните на "Волво" и "Тојота" во Шведска и "Мерцедес" во Естонија, вели Ристовска.

Директорката смета дека ваквите програми се од непроценливо значење за училиштата кои порано немаа можност да излегуваат надвор и да се споредат.
- Друг бенефит е што поврзувањето со странските партнери останува и после завршувањето на програмите и можеме да креираме други проекти, си препорачуваме партнери. Така, од училиштето во Естонија добивме контакт од училиште од Финска. Ќе се бориме за наредната апликација и кога би имале можност да бираме, ќе се определиме за проект за мобилност на ученици бидејќи учениците се нашата иднина, потенцираше Ристовска.

Шведски искуства за македонскиот образовен систем
Странските искуства ми ги проширија видиците за тоа кон што треба да се стремиме во нашиот образовен систем, вели Наташа Алексов, наставник во АСУЦ "Боро Петрушевски", која преку програмата Леонардо да Винчи, посетила училиште во Шведска.
- Нешто што можеме да го воведеме во нашиот образовен систем е поврзувањето на теоретската стручна настава и практичната обука на учениците. За тоа е потребно развивањето на тимската работа која многу добро функционира во шведскиот образовен систем. За таа цел нашите наставници по стручните теоретски предмети во соработка со наставниците по пракса треба да подготват работни листи за следење на постигнувањата на учениците во практичната обука, кои во иднина би можеле да бидат основа за изработка на наставно помагало, изјави Алексов за "Вечер" и дополни дека најдобрите ученици се Балканци.

Програмите за мобилност се искористуваат масовно
Дарко Димитров, директор на Националната агенција за европски програми и мобилност, во изјава за "Вечер" потврди дека програмите се искористуваат масовно.

Тој дополни дека за програмата Леонардо да Винчи која е наменета за унапредување на стручното образование и обука средствата се искористени целосно.
-Тие придонесоа за личен и професионален развој на учесниците, нивните компетенции и вештини, истакнувајќи ја европската димензија на нивните институции, со што придонесуваат кон надградбата на македонскиот образовен систем во ова мошне значајно поле. Успешното имплементирање на програмите Доживотно учење и Млади во акција од Националната агенција во изминатиот период е нотирано од ГД Образование и култура при Европската комисија, со што и се овозможи на Република Македонија да учествува полноправно во новата водечка програма Еразмус плус 2014-2020 година, наменета за образование, обука и млади. Во тој контекст, дополнително се отвораат нови можности за македонските граѓани и се потврдува нашата посветеност и определба за приближување кон европските цели и вредности во сферата на образованието, обуката и младите, вели Димитров.

Назад