Луксузот не е секогаш луксуз – Запознавање на јавноста
Луксузот не е секогаш луксуз
Денеска на порталот 360 степени.мк излезе статија – истражување на Центарот за граѓански комуникации насловена: За две и пол години државните институции купиле 392 возила најмногу на тендери со еден понудувач, каде е спомената Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (НА).
За подобро запознавање на јавноста сакаме да истакнеме дека НА возилата кои ги користи ги има земено на лизинг кој е платен од оперативниот грант на Европска Унија, инаку средства наменети за побрзо, поефективно и поефикасно спроведување на програмата Еразмус+.
Дел од задачата на НА е да прави проверки на своите корисници. Набавката на возилата споменети во текстот и овозможи на НА да изврши 147 проверки во текот 2019 година, што е повеќе од сите проверки направени од основањето на институцијата дотогаш. Истото е нотирано од Брисел. Посетите се регулирани со Правилник што НА го добива од Европската комисија при што на таквите проверки секогаш одат најмалку три лица (претставник од правна служба, од програмското одделение на дадениот грантист и од финансиската служба).
Оттука, сметаме дека е манипулативен податокот дека НА е една од институциите коишто ги купиле 10-те најлуксузни возила и тоа поради следново:
-Возилата НЕ СЕ КУПЕНИ туку се на оперативен лизинг поради правилата на програмата (што значи дека од август 2021 година тие се враќаат во сопственост на операторот);
-Возилата не се „купени“ со буџетски средства;
-Џипот посочен како луксузно е всушност неопходно возило зашто само така НА може да ги посетува и грантистите од тешко достапните предели;
-Возилата се дел од редовниот надзор што го прави НА, односно дел од дејноста.
Оттука, сметаме дека Центарот за граѓански комуникации треба да си ја преиспита методологијата на истражување и да не ги меша луксузот и редовната дејност на институцијата.
Од таа причина бараме порталот 360 степени и Центарот за граѓански комуниации да си ја направат потребната корекција на објавената анализа.