Реализиран редовен воведен состанок за проекти од програмата Еразмус+ и Европски солидарен корпус
На 21 септември во Скопје, во просториите на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, беше одржан редовен воведен состанок за проекти кои се поддржани финансиски од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во 1 и 2 рок 2020 година, од програмата Еразмус+ и Европски солидарен корпус, КА105 – (младинска размена и мобилност на младински работници) и ЕСК11/31 – (волонтерски и солидарни проекти).
Со оглед на бројот на учесници и мерките за Ковид 19, кога се организираат состаноци, претставниците на организациите беа распоредени во 2 термина:
- 10.00 ч. – со вкупно 12 претставници на корисници на грант;
- 13.00 ч – со вкупно 11 претставници на корисници на грант.
Редовниот состанок се одржа во дезинфицирана просторија со почитување на дистанца помеѓу присутните, задолжително носење на заштитна маска и извршување дезинфекција на рацете пред влегување во просторијата. По завршување на првиот состанок беше извршена дезинфекција на просторијата, каде потоа се одржа вториот состанок.
На присутните им беа презентирани детални информации за обврските кои произлегуваат од Договорот за грант (обврски и финансиски правила) и ситуации со кои можат да се соочат во текот на имплементација на проектите.
Посебен акцент на овој воведен состанок се стави на информирањето на корисниците за посебните мерки за имплементација на проекти во период на пандемија од страна на Европската комисија. Применливоста на мерките, условите во кои можат да се применат и во кој временски период, можноста за одложување на проектните активности и продолжување на временската рамка на проектот, учеството на партнерски организации од другите држави и како истото би можело да се реализира во услови на Ковид 19 и многу други прашања беа дискутирани на состанокот.
Од страна на присутните беше констатирано дека е неопходна редовна и интензивна комуникација со вработените во НА, со оглед на специфичната состојба во која се имплементираат проектите.
Присутните на овие два состанока имаа можност со вработени во НА да дискутираат за актуелни тековни и очекувани ситуации поврзани со подготовки за имплементација на проектите.
Состанокот заврши со отворена сесија на прашања и одговори за ситуации кои претходно не беа споменати или дискутирани.
Вмрежувањето и размената на искуства помеѓу организациите е додадена вредност на овој вид на средби.