Денот на Европа и е-Twinning 9ти Мај

Националната агенција за европски образовни програми и мобилност лансираше online платформа за изведување на видеоконференции.

Денеска за првпат беше одржан видео настан, по повод Денот на Европа и е-Twinning, на којшто директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, г-ѓа Лидија Димова, беше поканета како гостин на ООУ „Невена Георгиева - Дуња“ - Кисела Вода.

ООУ „Невена Георгиева - Дуња“ - Кисела Вода, денеска одбележаа два важни настани на тема „Успешните жени двигатели на клучни компетенции - вредности во современите општества“. На настанот беше присутен и директорот на училиштето, г. Хари Стојаноски и повеќе ученици кои имаа свои излагања.

Директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, г-ѓа Лидија Димова, во своето излагање се осврна кон повеќе теми: таа говореше за значењето на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во градењето на мозаикот наречен интернационализација, потоа за клучните интернационални вредности и компетенции кои имаат национално влијание преку институцијата како што е НА, за тоа колку жената се јавува како двигатели на современите трендови и иновативни предизвици на брзо менливото секојдневие и колку ваквите настани, како што е вирусот Ковид и преземените глобални мерки, ја менуваат сликата за начинот на разбирање на човековите вредности и доблести?

На настанот свои обраќања имаа и неколку ученици кои зборуваа за Денот на Европа и за своите искуства со Еразмус+ програмата:

-Ања Костовска: Да ни е честите денот на Европа и e Twinning денот. Денот на Европа кој се одржува на 9 мај секоја година го слави мирот и единството во Европа. Датумот ја одбележува годишнината од историската „Шумановата декларација“. На говорот во Париз во 1950 година, Роберт Шуман, тогашниот француски министер за надворешни работи, ја постави својата идеја за нова форма на политичка соработка во Европа, што ќе ја направи војната меѓу нациите на Европа како незамислива. Од 1957 година, Европската унија им донесе корист на своите граѓани работејќи за мир и просперитет. Тоа помага во заштитата на основни политички, социјални и економски права на граѓаните. Централна и Западна Европа никогаш не помни толку долг период без војна. ЕУ е најуспешен мировен проект во човечката историја и е добитник на Нобеловата награда за мир. Европејците се тесно поврзани економски и културно и преку демократските вредности што ги споделуваат. ЕУ ги штити сите малцинства и ранливите групи и се залага за угнетените. Без оглед на националноста, полот, јазичната група, културата, професијата, инвалидитетот или сексуалноста, ЕУ инсистира на еднаков третман за сите. 

-Ана Марија Ванчевска: Нашето училиште е вклучено во Еразмус+ проект на тема ,,Mind your health’’ или Внимавај на своето здравје од програмата КА229 за стратешки партнерства помеѓу училиштата во Европа. Како ученици во НГ Дуња добивме можност да соработуваме со другарчиња од 4 европски држави. Со ентузијазам го прифативме предизвикот. Работејќи на проектните активности се стекнав со нови знааења и искуства, но стекнав и нови пријателства кои сè уште траат и за кои сум среќна. Сите ние сме исти, делиме исти или слични погледи и вредности за заедничка иднина.

-Викторија Панчевска: Од моето искуство како ученик вклучен во ERASMUS+ проектот сметам дека имам само придобивки и убави спомени на кои често се навраќам. За мене беше предизвик да ги тестирам моите јазични вештини во неформална комуникацијата со другарчињата, како и на работилниците кои се водеа на англиски јазик. Културните придобивки се од исклучителна важност. Научивме да се почитуваме во различностите, но и да се мотивираме и да ги прифаќаме новите идеи. Активно учествувам во секоја европска иницијатива, како дел од училишните проекти, сè со цел бришење на бариерите и предрасудите во секое чувствително подрачје.

-Михаела Николовска: Се вклучив во ERASMUS+ проектните активности во втората фаза во која зборувавме за уметноста, филмот, културното наследство на нашата држава и тоа ме поттикна повеќе да истражувам и да изнаоѓам иновативни и креативни решенија. Освен јазичната, клучна е и дигиталната писменост која беше предизвик за мене. Најмногу ми се допаѓа можноста да бидеме свои, оригинални и горди на нашиот труд, кој со задоволство го споделуваме и надградуваме безгранично со сооученици од цела Европа.

-Нина Панчевска: Нашето училиште активно работи на e-Twinning платформата повеќе од 4 години. Ние како паралелка со нашата наставничка работевме на неколку проекти. Бевме помали, па и нашите родители многу често беа дел од проектите. Да се работи на интернационален проект значи да се соработува со другарчињата, но за мене значеше и да се натпреваруваме со нашите вештини во креативност и иновативност. Јас сум многу горда што на натпреварот за проектно лого во конкуренција на идејни решенија на другарчиња од Европа, мојата идеја за лого беше избрана. Логото гордо стои како синоним за целиот проект. Можностите се тука, но треба мудро да се зграбат.

-Лина Божиновска: Во моментот кога ќе се вклучиш на проект на е -Тwinning платформата, погледите кон многу нешта се менуваат. Сега сосема ми е јасно дека можам да се носам со активности и знаења рамо до рамо со другите ученици во Европа. Самодовербата порасна, а со тоа и ентузијазмот за работа на ваков вид проекти. Горда сум на училиштето за добиена награда за Е-TWINNING училиште за оваа и наредната учебна година. Тоа само го покажува вложениот труд на учениците и наставниците да направат современо, европско училиште.

-Сара Дамјановиќ: Современо, модерно, европско училиште е синоним за училиште со многу поиникви, современи, модерни приоди на работа. Никогаш не ми било тешко да учествувам во воннаставни активности поврзани со одбележување на европски настани. Први од училиштата во Општина Кисела Вода пред 4 години почнавме со одбележување на Денот на европските јазици (26 Септември), потоа Безбедно на интернет, Ден на Европа, е-Twinning ден, Европската недела на мобилност и др.
Задоволство ни причинува што оваа година, во вакво опкружување, овој посебен ден за сите нас, го одбележуваме заедно со еминентна и успешна жена како што сте вие г-ѓа Димова. Предизвик за секоја млада дама, девојка е упешна жена како вас.

Оnline платформата ќе биде достапна за слободно користење на сите корисници на Националната агенција на кои ќе им биде потребна за одржување на состаноци, семинари, конференции и обуки.
На тој начин Националната агенција ќе биде поблиску до своите апликанти и корисници, при што ќе може да им разјасни било какви нејаснотии во однос на учество во Еразмус+ програмата.

 

Назад