Прашања и одговори поврзани со активностите на Еразмус+ и на Европскиот солидарен корпус во светло на КОВИД-19 епидемијата

Прашања и одговори поврзани со активностите на Еразмус+ и на Европскиот солидарен корпус во светло на КОВИД-19 епидемијата

 

 

  КОВИД-19 епидемијата има негативни ефекти врз тековните или планираните активности на програмите Еразмус+ и на Европскиот солидарен корпус.

 

  Главната цел на Европската комисија е безбедноста и заштитата на сите учесници на Еразмус+ и на Европскиот солидарен корпус, при што целосно се почитуваат националните мерки за претпазливост. Европската комисија работи за да им помогне на корисниците и студентите, учениците, волонтерите и на другите учесници во програмата да се справат со последиците по нив.

 

  Комисијата и натаму ќе ја адаптира својата реакција на оваа несекојдневна ситуација како што таа ќе еволуира, појаснувајќи ги и поедноставувајќи ги правилата и процедурите онаму каде што ќе биде потребно, во соработка со националните агенции и на Извршната агенција за образование, аудиовизуелна политика и култура (EACEA).

 

 

  Каде да се обратам со моите прашања во врска со ефектот на епидемијата Ковид-19 врз активностите на Еразмус+ или на Европскиот солидарен корпус?

 

 

  • Поединечните учесници (студенти, наставници, млади, младински работници, волонтери итн.) кои наидуваат на тешкотии треба да ги контактираат своите матични институции или организации. Институциите и организациите треба да имаат отворен канал за комуникација со учесниците во своите проекти, дури и ако нивната канцеларија е затворена. Ве молиме да имате предвид дека одговорите на финансиските прашања (повраток на средства, прифатливи трошоци, услови на грантот итн.) може да бараат повеќе време поради намалениот пристап до многу институции и организации. Информациите подолу се однесуваат на најчесто поставуваните прашања од страна на поединечните учесници.

 

  • Корисничките организации (универзитети, училишта, младински организации итн.) за поддршка треба да ја контактираат агенцијата што им го одобрила проектот, и тоа:

 

  • или National Agency во нивната матична држава за повеќето акции на програмите Еразмус+ и на Европскиот солидарен корпус. Национални агенции има во државите-членки на ЕУ како и во Република Северна Македонија, Исланд, Лихтенштајн, Норвешка, Турција, Србија и во Обединето Кралство.

 

  • или Education, Audiovisual and Culture Executive Agency (EACEA), за централизираните акции на Еразмус+ и на Европскиот солидарен корпус, како што се Заедничката диплома на Еразмус Мундус, Жан Моне, Европските универзитети, Центрите за стручна извонредност, Градењето капацитети, Европската младина заедно или Волонтерските тимови во високоприоритетни области.

 

  • Другите проектни партнери што не се корисници на проектот (универзитети, училишта, младински организации итн.) треба да се поврзат со координаторот (проектните корисници) на нивнот проект.

 

Прашања поврзани со учесниците на Еразмус+/Европскиот солидарен корпус

 

  Бев на мобилност на Еразмус+ или на Европскиот солидарен корпус во друга држава, но морав да се вратам дома. Дали го задржувам грантот?

 

  • Ако се вративте дома, но: а) сè уште имате трошоци што директно и исклучиво се поврзани со вашиот престој во целната држава, како кирија и струја и/или б) ако сте вклучени во виртуелно учење или некои други виртуелни активности (ако институцијата/организацијата во целната држава ги има на располагање како алтернатива за првично планираните активности), тогаш да, можете да го задржите грантот. 

 

  • Исто така, можеби ќе можете да барате рефундирање на средства од направени дополнителни патни трошоци. Треба да проверите кај вашата институција/организација што ве поддржува.[1]

 

  • Ако немате и натаму трошоци во целната држава, тогаш може ќе биде потребно да вратите дел од грантот кој го опфаќа периодот меѓу датумот на прекинување на мобилноста и планираниот датум на завршување на искуството.

 

 

  Бев на Еразмус+ во друга држава, но мојот курс беше откажан поради тоа што се затвори институцијата. Решив да останам во целната држава. Дали го задржувам грантот?

 

  • Ако останувате во целната држава и а) сè уште имате трошоци што директно и исклучиво се поврзани со вашиот престој во таа држава, како кирија и струја и/или б) ако сте влучени во виртуелно учење или некои други виртуелни активности (ако институцијата во целната држава ги има на располагање како алтернатива за првично планираните активности), тогаш да, можете да го задржите грантот. 

 

  • Исто така, може да е можно да добиете дополнителен грант за да го покриете дополнителниот период, надвор од она што првично сте испланирале, што сте останале во странство поради Ковид-19 епидемијата. Треба да проверите кај вашата институција.[2]  

 

  Бев на активност од Европскиот солидарен корпус во друга држава, но мојата активност беше откажана поради тоа што се затвори организацијата. Не можев да се вратам во мојата матична држава. Дали може да го задржам џепарлакот /трошоците за релокација?

 

  • Ако престојувате во целната држава и а) сè уште имате трошоци што директно и исклучиво се поврзани со вашиот престој во таа држава и/или б) ако сте влучени во виртуелни активности (ако организацијата-домаќин има на располагање онлајн алтернатива за првично планираните активности), тогаш да, можете да го задржите грантот. 

 

  • Во иста насока, во погоре споменатите случаи, организацијата може, исто така, да го добие грантот за покривање на други трошоци поврзани со вашиот престој.

  Планирав да одам на мобилност од Еразмус+ или од Европскиот солидарен корпус во друга држава, но морав да откажам пред самиот почеток поради епидемијата на Ковид-19. Веќе го платив авионскиот билет и дел од трошоците за сместување. Дали може да го задржам пред-финансирањето што го добив за тоа? 

 

  • Ако сте платиле патни трошоци поврзани со планираната мобилност, како што се авионски билет што никогаш не сте го искористиле и којшто не може да биде рефундиран, можете да добиете грант за патување секогаш кога финансиските правила за акцијата предвидуваат финансиска поддршка за патување.
  • Ако акцијата не го предвидува тоа, можете да го задржите или да добиете дел од пред-финансирањето што е соодветен на направените трошоци. Може, исто така, да сте во состојба да ги повратите трошоците за резервација на сместувањето. Треба да проверите кај вашата институција/организација што ве поддржува.[3]

 

  Може ли да ја одложам мојата мобилност од Еразмус+ или од Европскиот солидарен корпус за натаму?

 

  • Проверете кај вашата матична институција/организација во поддршка, но во принцип, Националната агенција на вашата матична институција/организација во поддршка ќе прифати да го продолжи Еразмус+ проектот (што може да вклучува периоди на мобилност во странство за повеќемина учесници) или за проект од Европскиот солидарен корпус до 12 месеци.

 

  Бев на активност од Европскиот солидарен корпус во друга држава, но мојата активност беше суспендирана поради тоа што се затвори организацијата. Ќе може ли да ја продложам мојата активност во подоцнежна фаза?

 

  • Проверете кај вашата организација во поддршка, но во принцип тоа може да се смета како периодичен прекин на активноста и треба да можете да ги продолжите своите активности подоцна.  

 

  Јас сум од неодамна дипломиран студент во високо образование или од СОО и сакав да одам на практична работа во странство. Меѓутоа, таа можност е отворена само за студенти кои дипломирале во рок од 12 месеци по нивното завршување на образованието. Може ли да добијам исклучок од ова правило?

 

  • Студентите кои неодамна дипломирале во високото образование или во СОО и кои треба да ги одложат своите планирани практични работи во странство ќе имаат право да ги спроведат истите во рок од 18 месеци од нивното дипломирање наместо вообичаената временска рамка од 12 месеци.

 

 

Прашања поставувани од организации/институции

 

  Многумина студенти во високото образование се плашат дека нивниот студиски период поминат во странство нема да биде признаен. Како да им се помогне за полесно да се справат со оваа ситуација?

 

  • Од високообразовните институции се бара да бидат што е можно пофлексибилни и прагматични и да им помогнат на студентите да ги постигнат резултатите наведени во нивните договори за учење, независно од географската локација на студентите. На пример, преку студиски аранжмани од далечина со примена на дигитални алатки. Оваа флексибилност особено ќе им помогне на студентите кои се вратиле во своите матични држави за да ги завршат курсевите во своите институции-домаќини и да стекнат целосно признаени ЕКТС кредити од студиски аранжмани од далечина.

 

  Кога почнаа да се затвораат границите, еден наш учесник мораше да купи дополнителен авионски билет за порано да се врати дома, бидејќи авиокомпанијата не прифати да го смени датумот на враќање. Може ли да ги покриеме овие дополнителни трошоци од средствата на Еразмус+ или Европскиот солидарен корпус?

 

  • Да, може да ги сметате овие трошоци за „прифатливи“ сè додека не се надмине вкупниот буџет за вашиот проект опфатен со дадениот договор за грант. Ако сте предмет на подоцнежна ревизија, можеби ќе треба да доставите доказ за потребата да ги надоместите овие дополнителни трошоци.

 

  Поради прекинот предизвикан од епидемијата на ковид-19, требаше да покриеме некои исклучителни трошоци за учесник со посебни потреби кому му требаше помош за подолг период. Дали овие трошоци се прифатливи?

 

  • Да, може да ги сметате овие трошоци за „прифатливи“ сè додека не се надмине вкупниот буџет за вашиот проект опфатен со дадениот договор за грант. Ако сте предмет на подоцнежна ревизија, можеби ќе треба да доставите доказ за потребата да ги надоместите овие дополнителни трошоци.

 

  Сакав да аплицирам за учество во проект за кој се приближува крајниот рок. Но, не можам да стапам во контакт со моите партнери во другите држави, бидејќи нивните канцеларии се затворени. Може ли Комисијата да го продложи рокот за аплицирање?

 

  • Комисијата го продолжи рокот за аплицирање за неколку повици за предлог-проекти од Еразмус+ и Европскиот солидарен корпус. Новите рокови може да се најдат овде.
  • Стапете во контакт со вашата Национална агенција, бидејќи некои административни процедури за доставување апликации ќе бидат поедноставени.

 

  Работам на координација на проектите од Еразмус+ и од Европскиот солидарен корпус и плата добивам од организациската поддршка, како и некои мои колеги. Со оглед на откажувањата на многу активности, може ли сè уште да бидеме сигурни дека ја имаме оперативната поддршка на којашто сметавме?

 

  • Кај оние случаи наведени погоре, каде што поединечните учесници се квалификуваат да добијат или задржат грантот за поединечна поддршка, да, можете да ја добиете организациската поддршка од Еразмус+ или од Европскиот солидарен корпус. 

 

  • Дури и кога активностите од Еразмус+ и од Европскиот солидарен корпус се откажуваат, имате право да ја добиете организациската поддршка. Овој приод ја зема предвид киријата за канцеларискиот простор, трошоците за подготовка и последователни активности на учесниците пред заминување, како и задачите што ги спроведувате за да ги поддржите учесниците во справувањето со исклучителната природа на Ковид-19 епидемијата (откажувања, контакти со партнерски организации, советувања итн.).

 

  Јас сум проектен координатор и морав да го суспендирам проектот. Дали го задржувам грантот за управување со проектот? Може ли да побарам продолжување на мојот проект за да ги исполнам активностите натаму?

 

  • Корисниците на стратегиски патнерства или солидарни проекти може привремено да го суспендираат својот проект, да побараат продолжување на времетраењето на проектот и да ги спроведат планираните активности штом ќе се повлечат рестрикциите што се применуваат за епидемијата Ковид-19. Во тој случај, грантот за управување со проектот ќе се пресметува врз основа на новото времетраење на проектот, без суспензијата, но нема да го надминува вкупниот договорен износ на грантот.

 

  Јас сум проектен координатор. Морав да откажам активности, а веќе направив трошоци што нема да можам да ги повратам (кирија за соба, сместување за учесници итн.). Дали овие трошоци ќе бидат опфатени?

 

  • Контактирајте ја Националната агенција во вашата држава. Во случаите каде што се откажани активности од Еразмус+ или од Европскиот солидарен корпус, а организациите се изложиле на трошоци што не можат да се повратат, тие ќе ја имаат можноста да им бидат покриени тие трошоци.

 

  Сакам да заокружам договор за грант од еден проет, но не можам физички да го обезбедам потписот на мојот шеф кој треба да го потпише. Дали е доволно да се има скениран примерок?

 

  • Контактирајте ја Националната агенција во вашата држава. Со оглед на тековните исклучителни околности, Националната агенција може да се согласи привремено да ги прифати размените на скенирани и потпишани копии на договори за грант. Сепак, тоа ќе мора да се потврди со формална размена на физички потписи откако рестрикциите од епидемијата Ковид-19 ќе бидат укинати.

 

 



[1] Предмет на расположливоста на дополнителни средства од ЕУ кои се на располагање на организацијата за активноста.

[2] Предмет на расположливоста на дополнителни средства од ЕУ кои се на располагање на организацијата за активноста.

[3] Предмет на расположливоста на дополнителни средства од ЕУ кои се на располагање на организацијата за активноста.

Назад