16.05.2023 - 19.05.2023
Прага, Чешка Република (Prague, Czech Republic)
Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во соработка со Националната агенција од Чешката Република, објавува јавен повик за учество на 3 учесници на семинарот „Почитување на различноста: Инклузија во меѓународните проекти“.
Учеството на луѓе со помалку можности е од огромно значење за нашата иднина. Во овој меѓународен семинар за наставници, имаме за цел да одговориме на еден од главните предизвици со кои се соочуваат наставниците во денешно време: зголемување на различноста во училниците и идентификување на најдобрите практики за вклучување на ученици со помалку можности. Вклучувањето и различноста се меѓу клучните приоритети на програмата Еразмус+ и затоа е важно да се биде свесен за потенцијалните пречки кои би спречиле некој да учествува во проектите и ефективно да се ослободи од нив. Учесниците ќе ја прошират својата европска мрежа на контакти и ќе стекнат нови врски за соработка на меѓународно ниво на темите што се обработуваат.
Очекуваните резултати се:
• да се обезбеди правилно воведување на програмата за концептот на помалку можности и да се воспостави општо разбирање за оние кои може да се сметаат за учесници со помалку можности и да се дискутира за нивното вклучување во проекти,
• со меѓусебна комуникација и со помош на експерти од областа, учесниците да разговараат и да развијат концепти за вклучување во нивните потенцијални институции и да научат како да ги диверзифицираат нивните потенцијални проекти,
• семинарот ќе понуди можности за вмрежување на училишниот персонал, да најде партнери и да иницира нови проекти (проекти за мобилност (КА1), проекти за соработка (КА2), еТвининг проекти),
• семинарот ќе ги нагласи начините на кои училиштата и наставниците можат да ги искористат отворените можности од учеството во програмата Еразмус+
Целна група на семинарот се:
- наставници од училишта кои се целосно нови во Еразмус+ програмата или имаат ограничено искуство со програмата и се заинтересирани да започнат проекти Еразмус+ (Клучна акција 1 и 2)
- наставници од училишта кои работат со ученици на EQF нивоа 3 и 4 и во секторите за училишно образование и стручна обука
Деталната програма на семинарот во пдф формат е достапна на платформата САЛТО за оваа соодветна активност за обука и соработка.
ТРОШОЦИ ЗА НАСТАНОТ:
Семинарот ќе се реализира во периодот од 16.05.2023 - 19.05.2023
(16.05.2023 е ден на пристигнување, 19.05.2023 е ден на заминување)
Принципот на покривање на трошоци е следниот:
Самиот учесник (индивидуално) учествува со 5% од висината на патниот билет (во вид на: билет за локален транспорт, патничко осигурување, ПЦР тест)
Организаторот работи во согласност со протоколите од моменталната ситуација со КОВИД-19. Активностите планирано е да се одржат во Прага, Чешка Република во периодот 16.05.2023 - 19.05.2023. Доколку ситуацијата со КОВИД 19 влијае врз патувањето, организаторите ќе ги разгледаат опциите за организирање на активноста хибридно или онлајн.
Крајниот рок за поднесување на апликации е 31.03.2023 година.
Линк за аплицирање: https://salto-et.net/events/show/CZ01_0382_TSS_2022
Забелешка: Известени и контактирани од страна на домакинот – организатор на транснационалната активност ќе бидат само избраните учесници.
Општи мерки за спречување на корупцијата
Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, во постапката за избор на 3 учесници на семинарот „Почитување на различноста: Инклузија во меѓународните проекти“ и при извршување на договорите, ќе ги преземе сите потребни мерки со цел навремено откривање на корупцијата и отстранување или намалување на штетните последици од истата.
Доколку постои основано сомнение во врска со корупција во постапката може да пријавите на следната е-пошта: ukazuvaci@na.org.mk и nepravilnosti@na.org.mk.