Националната агенција за европски образовни програми и мобилност организираше еко-смарт настан во дворот на Студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје, како дел од новата кампања „Направи чекор“, покажувајќи конкретен пример за одржливо делување и иновативен пристап кон младите.
Настанот покрај едукативниот карактер, вклучи донација на смарт (паметна) клупа и еко-акција за садење дрвја, реализирана во соработка со студентите и раководството на Домот. Смарт клупата функционира на база на соларно полнење и обезбедува бесплатен интернет и полнење на мобилни уреди, а новозасадените дрвја симболично го претставуваат вложувањето во одржлива и зелена иднина. Садниците беа обезбедени од ЈП Национални шуми, за што беше упатена благодарност до претпријатието и директорот г. Здравко Трајанов.
На настанот присуствуваа студенти, претставници на Универзитетско студентско собрание на УКИМ, директорот на Државниот студентски дом Скопје, м-р Александар Каровски, како и директорот на Националната агенција, проф. д-р Петар Богојески.
Преку ваквите активности, Националната агенција демонстрира нов пристап на отвореност, достапност и блискост со младите, како и поинаква, непосредна комуникација. Со секоја нова иницијатива, Агенцијата ја засилува својата заложба да ги надмине бариерите меѓу институциите и младите.
Преку кампањата „Направи чекор“, НАЕОПМ се позиционира како отворена институција – сè појасно препознатлива, не само како повик, туку и како конкретен патоказ: да се отворат вратите кон европските програми, да се охрабрат младите да станат активни корисници и да го трасираат сопствениот пат кон образование, вмрежување и успех.