Име на мрежата: еТвининг (eTwinning)
Опис на мрежата:
еТвининг во Република Северна Македонија
еТвининг платформата во Република Северна Македонија започна со својата работа во 2014, во рамка на програмата за е-учење и е кофинансиран од Еразмус+, Европската програма за образование, обука, млади и спорт.
Во 2022 година еТвининг платформата и платформата за европско училишно образование беа споени во една нова платформа под името ESEP (Europan School educational Platform)
Што претставува еТвининг како дел од ESEP платформата и за кого е наменета?
eТвининг е виртуелна онлајн платформа, специјално дизајнирана за градинки, основни и средни училишта, која им овозможува на вработените да се поврзат со своите ученици и колеги од другите земји во Европа и да работат заедно на национални и европски проекти. Оваа платформа им дава на учесниците пристап до бесплатни ресурси и алатки за креирање на виртуелни проекти, како и за развивање на своите професионални вештини преку бесплатни онлајн курсеви.
Со eTвининг, наставниците, професорите и воспитувачите можат да работат со своите учениците и да креираат виртуелни проекти на различни теми, вклучувајќи ги култура, историја, наука, уметност, музика и многу други. Преку овие проекти, учениците можат да се запознаат со различни култури и традиции, да учат нови јазици и да ги развиваат своите вештини во областа на дигиталните технологии.
Како да се приклучите?
Пред да можете да почнете со користење на еТвининг платформата, потребно е да создадете ЕУ логин или да ја преземете веќе постоечката ЕУ логин која сте ја креирале за потребите на Еразмус+ проектите. ЕУ логинот ќе ви овозможи да имате пристап до различни ЕУ сервиси со една лозинка.
Откако ќе го имате својот ЕУ логин, може да се регистрирате на еТвининг платформата и да креирате свој еТвининг профил. Ова вклучува креирање на корисничко име и лозинка, како и обезбедување на информации за вашата институција и контакт податоци.
По креирање на еТвининг профил, можете да се приклучите на еТвининг заедницата и да започнете да комуницирате со колеги од цела Европа, да пронајдете идеи за проекти и да се вклучите во колаборативни проекти со ученици и наставници од други земји.
Зошто да го користите еТвининг?
Вмрежување и соработка
Еден од најважните елементи на еТвининг е соработката меѓу наставниците, учениците, училиштата, родителите и локалните власти. Во еТвининг наставниците работат заедно и организираат активности за своите ученици. Тие имаат активна улога, комуницираат, истражуваат, донесуваат одлуки, се почитуваат едни со други и учат вештини од 21 век. Проектите во еТвининг даваат придонес на секој член на тимот.
Професионален Развој
Една од најзначајните предности на ESEP е што оваа платформа обезбедува бесплатни курсеви, вебинари, настани и конференции кои се водени од експерти во различни области и се наменети за вработени во образовниот сектор.
Овие курсеви, вебинари, настани и конференции можат да ви помогнат да ги подобрите вашите знаења и вештини во одредени области, да проширите својата мрежа на контакти, да ги запознаете новите тенденции и да ги стекнете практичните знаења кои ви се потребни за да бидете успешни во својата професионална кариера.
Признанија
Во еТвининг, работата на наставникот има големо значење и заслужува да биде признаена и објавена не само на локално, туку и на национално и европско ниво. еТвининг платформата ги препознава и ги вреднува напорите на наставниците, учениците и училиштата и нуди различни начини за промовирање на нивната работа:
●Национална ознака за квалитет (Националните ознаки за квалитет го потврдуваат квалитетот на проектите на учениците и наставниците во рамките на еТвининг)
●Европска ознака за квалитет (Европска ознака за квалитет, ја добиваат наставниците и училиштата што го демонстрираат извонредниот квалитет на нивната работа во еТвининг проекти на интернационално ниво)
●еТвининг европски награди ( еТвининг европските награди, се доделуваат на проекти и иницијативи кои се издвојуваат по својата креативност, иновативност и влијание во заедницата)
●еТвининг училишта (ознака за училишта кои стануваат дел од глобална мрежа на училишта кои се посветени на подобрување на квалитетот на наставата и учењето преку иновативни методи и ИКТ алатки. Овие училишта работат во тесна соработка со други училишта од Европа, со цел да ги подобрат квалитетот на наставата и учењето и да бидат во тек со најновите случувања во образованието.
●европска ознака за јазик ( ја добиваат училиштата кои ги вклучуваат мултијазичните димензии во своите проекти и ги подпираат своите ученици да учат и го зачувуваат нивниот мајчин јазик)
●Еразмус ознака за акредитација(го евидентира и признава го меѓународното и европско искуство и ангажираноста на училиштата, наставниците и учениците во образованието и обука)
Факти и бројки за мрежата:
еТвининг започна со својата работа во 2005 година, а од тогаш повеќе од 220.000 училишта и 900.000 наставници го направија еТвининг најатрактивна заедница на наставници во светот, со повеќе од 124.000 проекти и вклучени милиони ученици од сите возрасти.
Во моментов, вклучени во еТвининг се земјите на Европската Унија, покрај тоа учествуваат и Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Исланд, Лихтенштајн, Норвешка, Србија, Турција, Косово, Црна Гора и седум земји од Европското соседство – Ерменија, Азербејџан, Грузија, Молдавија и Украина, како и дел од источните партнерства, Тунис и Јордан, кои се дел од Евро-медитеранското партнерство.
еТвининг е составен дел од Еразмус+ програмата на ЕУ, и нејзините главни цели се да им помогне на наставниците да направат колаборативни проекти со колеги од други земји да се вклучат во активности за професионален развој.
Северна Македонија е вклучена во еТвининг уште од 2014 година и во моментов се приклучени вкупно
● 2366 наставници
● 494 училишта
● 3475 проекти
(тој број секојдневно се менува).
Линк од официјална веб-страница на ESEP платформата:
https://school-education.ec.europa.eu/mk
„еТвининг активностите во училиштето каде сум вработена се мошне прифатени за што говорат многуте успешни проекти и учеството на онлајн работилници и семинари кои овозможуваат професионален развој на наставникот.Како еТвининг амбасадор придонесувам наставниците и учениците преку овие проекти да имаат активна улога, меѓусебно да комуницираат и соработуваат, истражуваат, развиваат креативност и имагинација, донесуваат одлуки, се почитуваат едни со други и ги учат вештините на 21 век“.
Олгица Бајалџиева- ООУ „Петар Поп Арсов“, Скопје
„еТвининг е образовна платформа на сегашноста и иднината. Јас преку еТвининг платформата се поврзав со наставници и ученици од цела Европа, виртуелно влегов во училниците на многу наставници и научив многу нови наставни методи и техники. Преку е-Твининг платформата најдов нови партнери за Еразмус проектите и така ги научив вредностите и културите во Европа. За мене и моите ученици еТвининг е дел од највозбудливата заедница за учење во Европа. еТвининг ме направи подобар човек,подобар наставник и рамноправен граѓанин на Европа“.
Габриела Илиевска- ООУ„Јоаким Крчовски“, Крива Паланка
За дополнителни информации:
Следете не на социјалните медиуми:
Facebook: Etwinning North Macedonia
https://www.facebook.com/etwinningmk/
Линк до еТвининг публикации
Publications | ESEP (europa.eu)