08.05.2023 - 11.05.2023
Еспо, Финска (Espoo, Finland)
Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во соработка со Националната агенција од Финска, објавува јавен повик за учество на 2 учесникa на семинарот “Промовирање на средното стручно образование преку натпревар за вештини“.
Главниот фокус на семинарот е кон вештините на иднината. Темите, знаењата и дискусиите на семинарот се фокусирани на потребите на корисниците и начините за развој на вештини.
Целите за семинарот се во согласност со целите за натпревари за вештини и обука, за:
- да се понудат можности за развој на насоки за учење кои ги подобруваат резултатите,
- да се развијат стручни компетенции за да се задоволат потребите на пазарот на труд,
- да се зголеми вработливоста, претприемништвото и да се насочат учесниците кон понатамошни студии,
- да се понуди шанса за меѓусебно учење и да се поттикнат поединците, компаниите и образовните институции кон континуирано учење,
- да се подигне свеста за стручно образование и обука и можностите од истото,
На целите на семинарот им се пристапува преку следните главни делови од програмата:
- искористување на важноста на стручното образование и обука во работата на проекти,
- различни елементи на тимска работа и обука на врсници како начин за стекнување на искуство,
- индивидуален начин за учење што овозможува да се прерасне во врвен работник,
За време на интерактивните сесии и работилниците, темата за важноста на СОО ќе се комуницира од многу различни перспективи:
- индивидуално тренирање (пронаоѓање на најдобриот можен потенцијал на секој натпреварувач),
- тимска работа,
- обука за натпревари за вештини,
- менталната обука како дел од подготовката за вработување (храброст, надминување на себеси, гордост),
- обука на тим лидери,
- инклузивност.
Семинарот вклучува две посети:
Првиот семинарски ден учесниците ќе се запознаат со образовни институции на Омниа (Omnia - https://www.omnia.fi/en) кои поддржуваат индивидуални начини за учење и имаат за цел развој на вештините.
Вториот семинарски ден ќе им понуди на учесниците можност за посета со водич на Националниот натпревар за вештини Taitaja2023 - https://taitaja2023.fi/en/
Семинарот вклучува и сесија посветена на вмрежување и олеснето планирање на идната соработка во контекст на програмата Еразмус+. Семинарот има за цел да го поддржи создавањето на нови мрежи и проекти.
Очекуваните резултати се:
• да се обезбеди правилно воведување на програмата за концептот на помалку можности и да се воспостави општо разбирање за оние кои може да се сметаат за учесници со помалку можности и да се дискутира за нивното вклучување во проекти,
• преку меѓусебна комуникација и со помош на експерти од областа, учесниците да разговараат и да развијат концепти за вклучување во нивните потенцијални институции и да научат како да ги диверзифицираат нивните потенцијални проекти,
• семинарот ќе понуди можности за вмрежување на училишниот персонал да најде партнери и да иницира нови проекти (проекти за мобилност (КА1), проекти за соработка (КА2), еТвининг проекти),
• семинарот ќе ги нагласи начините на кои училиштата и наставниците можат да ги искористат можностите од учеството во програмата Еразмус+.
Целна група на семинарот се:
Семинарот е наменет за лица и организации кои учествуваат во активностите на Еразмус+, кои сакаат да разберат како достигнувањата на извонредност во полето на стручно образование и обука може да се промовираат, постигнат и искористат во стручната обука на различни начини, како и за оние кои сакаат да го продлабочат своето разбирање за концептот „стручна извонредност“.
При изборот на учесници, приоритет имаат апликантите кои веќе имаат одредено знаење и искуство од активностите поврзани со стручно образование и обука, во активности поврзани со вештини..
Деталната програма на семинарот во пдф формат е достапна на платформата САЛТО за оваа соодветна активност за обука и соработка.
ТРОШОЦИ ЗА НАСТАНОТ:
Семинарот ќе се реализира во периодот од 08.05.2023 - 11.05.2023
(08.05.2023 е ден на пристигнување, 11.05.2023 е ден на заминување)
Принципот на покривање на трошоци е следниот:
Самиот учесник (индивидуално) учествува со 5% од висината на патниот билет (во вид на: билет за локален транспорт, патничко осигурување, ПЦР тест)
Организаторот работи во согласност со протоколите од моменталната ситуација со КОВИД-19. Активностите планирано е да се одржат во Еспо, Финска во периодот 08.05.2023 - 11.05.2023. Доколку ситуацијата со КОВИД 19 влијае врз патувањето, организаторите ќе ги разгледаат опциите за организирање на активноста хибридно или онлајн.
Крајниот рок за поднесување на апликации е 24.03.2023 година.
Линк за аплицирање: https://salto-et.net/events/show/FI01_0442_THO_2022
Забелешка: Известени и контактирани од страна на домакинот – организатор на транснационалната активност ќе бидат само избраните учесници.
Општи мерки за спречување на корупцијата
Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, во постапката за избор на 2 учесниka на семинарот “Промовирање на средното стручно образование преку натпревар за вештини“и при извршување на договорите, ќе ги преземе сите потребни мерки со цел навремено откривање на корупцијата и отстранување или намалување на штетните последици од истата.
Доколку постои основано сомнение во врска со корупција во постапката може да пријавите на следната е-пошта: ukazuvaci@na.org.mk и nepravilnosti@na.org.mk.