03.09.2025 – 05.09.2025,
Бечичи, Будва, Црна Гора
Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во организациско партнерство и соработка со Националната агенција од Република Србија, објавува јавен повик за учество на 6 учесници на активноста за обука и соработка „Стручно образование и обука (СОО) – Градење на капацитети на земјите од Западен Балкан”. Настанот е планиран за реализација согласно поднесената годишна програма во програмата Еразмус+ за 2025 година.
Националните агенции од Република Северна Македонија и Република Србија, носители на имплементација на програмата Еразмус+ во двете земји, заедно организираат активност за обука и соработка во Црна Гора во периодот од 03-05 септември 2025 година. Покрај учесниците од двете земји, ќе учествуваат и претставници од Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, држави кои се со статус на партнерски држави во програмата со цел квалитетна идна соработка, вмрежување и заеднички активности во рамки на програмата Еразмус+.
Тема и цели на настанот: Настанот ќе се реализира согласно стратешките определби на Европската комисија и годишната работна програма за 2025 година на Националната агенција, со цел поддршка и соработка помеѓу асоцијативните и неасоцијативните земји во програмата Еразмус+ (програмски и партнерски држави).
Оваа активност за обука и соработка има исклучително важна улога во унапредување на соработката во делот на стручно образование со цел градење и подигнување на капацитетите на учесниците од земјите на Западен Балкан. Фокусот на овој настан е размена на искуства помеѓу учесниците, креирање на позитивна основа за идни квалитетни заеднички проектни апликации помеѓу средните стручни училишта од земјите-учеснички на истиот. Квалитативниот дел на настанот ќе биде унапреден со присуство на претставници од соодветни европски институции кои развиваат стратегии за унапредување на стручното образование и обука.
Присутните ќе имаат можност да учат од различни перспективи од земјите учеснички во полето на стручното образование и обука.
Настанот има за цел да обезбеди платформа за размена на искуства на оваа тема и да развие нови стратегии, вмрежување и усогласување на партнери.
Очекувани резултати: Преку размена на добри практики и споделување искуства, учесниците ќе го зајакнат знаењето за клучните практики и процеси поврзани со програмата Еразмус+ во полето на стручното образование и обука, како и функционалноста и квалитетната поддршка од страна на Националните тимови за стручно образованиеи обука во Националните агенциии од Северна Македонија и Србија.
Присутните ќе имаат можност да се вклучат во работилници и панел дискусии, да добијат увид од експерти и да се поврзат со колегите.
Целна група на учесници:
Апликантите за настанот треба да ги исполнуваат следниве услови:
- Да се вработени или работно ангажирани во средни стручни училишта;
- Да имаат искуство во спроведување на најмалку 3 (три) Еразмус+ проекти (координатори или лица директно вклучени во спроведувањето на проектите);
- Да имаат познавање на англиски јазик;
- Да имаат искуство во водење работилници со цел поддршка на учесниците од останатите неасоцијативни земји во програмата ( вештини за презентирање и модерирање на настани).
ТРОШОЦИ ЗА НАСТАНОТ:
Активноста ќе се реализира во периодот од 03.09.2025 - 05.09.2025
(03.09.2025 е ден на пристигнување, 05.09.2025 е ден на заминување)
Принципот на покривање на трошоци е следниот:
Самиот учесник (индивидуално) учествува со 5% од висината на патниот билет (во вид на: билет за локален транспорт, патничко осигурување и сл.)
Аплицирање: Линк за апликација
Крајниот рок за поднесување на апликации е 08.08.2025 година.
Забелешка: Известени и контактирани од страна на организаторите на активноста за обука и соработка ќе бидат само избраните учесници.
Општи мерки за спречување на корупцијата
Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, во постапката за избор на 6 учесници на Активноста за обука и соработка и при извршување на договорите, ќе ги преземе сите потребни мерки со цел навремено откривање на корупцијата и отстранување или намалување на штетните последици од истата.
Доколку постои основано сомнение во врска со корупција во постапката може да пријавите на следната е-пошта: ukazuvaci@na.org.mk и nepravilnosti@na.org.mk.