Националната агенција за европски образовни програми и мобилност заедно со Националните агенции на Кипар, Грција и Хрватска како партнери реализираше тродневен настан ( 9-12 Јули- Холидеј Ин, Скопје), за вмрежување на чинители во високото образование.
На настанот земаа учество преставници од високо образовните институции од Грција, Португалија, Кипар, Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Албанија.
Овој транснационален настан започна со официјално отворање од страна на директорот на НАЕОПМ, Г-дин Марко Ѓоргиевски, а помеѓу присутните беа ректорите на УКИМ- Скопје, УКЛО- Битола, Универзитет Гоце Делчев од Штип, Универзитетот на Југоисточна Европа Тетово, П.В.П.У Евро Колеџ Куманово и Универзитет Американ Колеџ Скопје, декани и професори на македонски и европски универзитети. Зајакнувањето на капацитетите на универзитетите е еден од клучните приоритети на НАЕОПМ .
“Како домаќини на еден ваков настан сме особено горди што можеме да придонесеме за вмрежување на универзитетите. Оттука ќе произлезат нови партнерства, нови стратегии за соработка, идни проекти на децентрализирано и централизирано ниво и од сето тоа краен бенефит ќе имааат сите студенти”- истакна Ѓоргиевски.
Настанот го истакна значењето на студентската мобилност како катализатор за личен раст, меѓукултурно разбирање и академски развој. Учесниците споделија успешни примери и искуства од проекти во рамките на Еразмус+, истакнувајќи го позитивното влијание врз студентите и крајно, нивните академски успеси, работни можности.
Еден значаен аспект на настанот беше и идентификацијата на Алијансата на Европската Универзитети (European University Initiative). Претставници од универзитетите од Медитеранските земји се вклучија во иницијатива и разговори, со цел истражување на можностите за заеднички програми за студии, истражувачки проекти и иницијативи за споделување на знаење и нивно вмрежување.
Главен фокус беше соработката на европските универзитети со универзитетите од Западен Балкан, и промоцијата и можностите што ги нудат истите.
Ова беше една навистина убава иницијатива и воедно, активна заложба за интернационализација на високото образование. Еразмус+ влијае на квалитетот на образованието на студентите, овозможувајќи им непроцелниви искуства, личен, академски и професионален развој.
Еразмус+ овозможува учење без граници, а НАЕОПМ активно продолжува со промоција на можностите и вредостите кои ги нуди Програмата.
Учесниците го напуштија настанот инспирирани, со нови стратегии и со мотивација за имплементација на иновативни практики кои ќе бидат на корист за студентите, институциите и општеството во целост.
НАЕОПМ останува посветена на меѓународната соработка и мобилност во образованието, промовирајќи ја програмата Еразмус+ и поддржувајќи ги иницијативите што го подобруваат квалитетот на образованието.