06.05.2024 – 08.05.2024
Минхен, Германија
Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во соработка со Националната агенција од Германија, објавува јавен повик за учество на 4 учесника на активноста за обука и соработка Европска конференција „Охрабрувајќи ги учениците во дигиталната ера” која ќе се реализира во Минхен, Германија
Цели на настанот:
Конференцијата ќе стави акцент на Еразмус+ приоритетите: „дигитална трансформација“ и „учество во демократскиот живот“, и ќе се фокусира на дигиталното образование во училишниот сектор, како и перспективата на учениците во оваа дигитална ера. Исто така ќе се осврне на темата на добросостојбата на учениците.
Ќе се дискутираат следниве прашања:
- Како до дигитално образование во училниците? Какви можности нудат дигиталните опции за настава/учење кај персонализирано учење и учењето насочено кон учениците? Како изгледаат опциите за учење во современите часови и како се менува улогата на наставникот?
- Како успешно да ги вклучиме сите ученици и како правилно да ги насочиме во светот на медиумите и да го зајакнеме демократското учество?
- Како учениците да станат посвесни за опасноста од медиумите како што се лажни вести, радикално политичко влијание и интернет насилство?
- Како училиштата, наставниците и училишните проекти може да ја промовираат добросостојбата на учениците во дигиталната трансформација од физички, емоционален, социјален и когнитивен поглед?
- Како може да успеат соработката и комбинираното учење - во училницата и во Еразмус+ проектите? Ќе се обрне посебно внимание на комбинираните мобилности и употребата на е-Твининг во училниците и во проектната работа.
-
Очекувани резултати:
На конференцијата ќе бидат претставени научни ставови и иновативни Еразмус+ проекти, со цел учесниците да го продлабочат своето знаење на гореспоменатите теми.
Конференцијата ќе ги истакне начините на кои училиштата и наставниците ќе стекнат придобивки од Еразмус+ проектите, вклучувајќи ги е-Твининг и Европската училишна платформа за образование.
Со меѓусебна соработка и со помош на експерти од областа, учесниците ќе разговараат и ќе развиваат концепти за училишни проекти и развој на училиштата.
Конференцијата ќе овозможи можности за вмрежување на училиштата и институциите од училишниот сектор, со цел да се најдат партнери и да иницираат нови Еразмус+ проекти (проекти за мобилност, проекти за соработка, е-Твининг проекти).
Целна група:
- Претставници од училиштата (од предучилишно до средно образование) кои се заинтересирани да започнат Еразмус+ проекти (Клучни акции 1 и 2 и еТвининг) на темите на конференцијата.
- Претставници од институции за обука на наставници кои имаат искуство на темите на конференцијата.
- Претставници на Еразмус+ проектите (Клучна акција 1 и 2 и еТвининг) кои спровеле или имплементираат проекти на темите на конференцијата кои се подготвени да го споделат своето знаење.
- Директори на училишта и претставници од Министерство за образование.
- Претставници од Еразмус+ Академиите за наставници и Жан Моне Активностите кои работат на темите на конференцијата.
- Претставници од НА
ТРОШОЦИ ЗА НАСТАНОТ:
Семинарот ќе се реализира во периодот од 06.05.2024 - 08.05.2024
(06.05.2024 е ден на пристигнување, 08.05.2024 е ден на заминување)
Принципот на покривање на трошоци е следниот:
Самиот учесник (индивидуално) учествува со 5% од висината на патниот билет (во вид на: билет за локален транспорт, патничко осигурување и сл.)
Крајниот рок за поднесување на апликации е 15.02.2024 година.
Аплицирање: https://salto-et.net/events/show/DE03_0539_THO_2024
Забелешка: Известени и контактирани од страна на домаќинот – организатор на активноста за обука и соработка ќе бидат само избраните учесници.
Општи мерки за спречување на корупцијата
Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, во постапката за избор на 4 учесника на Активноста за обука и соработка и при извршување на договорите, ќе ги преземе сите потребни мерки со цел навремено откривање на корупцијата и отстранување или намалување на штетните последици од истата.
Доколку постои основано сомнение во врска со корупција во постапката може да пријавите на следната е-пошта: ukazuvaci@na.org.mk и nepravilnosti@na.org.mk.