Врз основа на Решение број 18-900/2 од 06.09.2023 година, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност објавува:
ЈАВЕН ПОВИК ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА БАЗАТА НА НАДВОРЕШНИ ЕКСПЕРТИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА ПРЕДЛОГ-ПРОЕКТИ И/ИЛИ ПЕРИОДИЧНИ ИЛИ КОНЕЧНИ ИЗВЕШТАИ ОД ОДОБРЕНИ ПРОЕКТИ, КАКО И АПЛИКАЦИИ ЗА АКРЕДИТАЦИИ ВО РАМКИТЕ НА ПРОГРАМАТА ЕРАЗМУС ПЛУС (2021-2027) И ЕВРОПСКИ СОЛИДАРЕН КОРПУС (2021 - 2027)Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (во натамошниот текст: Национална агенција) е јавна установа формирана со закон и има надлежност за оперативно спроведување на децентрализираните акции од програмите Еразмус+ и Европски солидарен корпус (2021-2027) во Република Северна Македонија.
Повеќе информации за програмите Еразмус+ и Европски соилидарен корпус како и за Националната агенција можете да прочитате на следниот линк:
www.na.org.mkСо цел квалитетно и транспарентно работење и евалуација на проектните апликации, Националната агенција објавува јавен повик за дополнување на базата на надворешни експерти за оценување на предлог-проекти и/или периодични или конечни извештаи од одобрени проекти, како и апликации за акредитации во рамките на програмите Еразмус+ (2021-2027) и Европски солидарен корпус (2021 - 2027) и тоа за:
- Клучна акција 1: Мобилност за учење на поединци;
- Клучна акција 2: Партнерства за соработка и партнерства од мал обем
Улогата на надворешните експерти е многу значајна за да се овозможи правилна, непристрастна, конзистентна и точна оценка на оценување на предлог-проекти и/или периодични и конечни извештаи согласно со целите на акцијата и приоритетите на политиките за образование, обуки, млади и спорт.
Надворешните експерти треба:
- да умеат да оценуваат предлог-проекти и конечни извештаи согласно целите и приоритетите од Еразмус+ програмата;
- детално да ги познаваат правилата и процедурите поврзани со акциите во Еразмус+ програмата објавени на веб-страницата на Националната агенција;
- да бидат отворени за иновативни идеи кои би дале додадена вредност на предлог-проектите;
- да имаат аналитички вештини;
- да знаат да пишуваат извештаи за потребите на Еразмус+ програмата;
- да ги почитуваат зададените рокови.
Надворешните експерти можат да се пријават за наведените полиња во согласност со нивните квалификации и области на дејствување и тоа:
- Предучилишно, основно и средно образование;
- Стручно образование и обука;
- Високо образование;
- Образование на возрасни;
- Mлади;
- Спорт и
- Волонтерски активности.
Начин на избор и ангажман на надворешните експертиКритериуми за избор на надворешни експерти:• Високо образование;
Најмалку 5 години искуство во спроведување на ЕУ проекти или на други меѓународни организации и/или учество во спроведување на најмалку 3 ЕУ проекти или на други меѓународни организации;
Познавање на европските и националните политики и стратегии во областа на образованието, обуката, младите и спортот;
Одлично познавање на англиски јазик;
Работа со ИКТ алатки.
Пријавата и потребни документи за аплицирање:
- - Пријава за аплицирање. Пријавите мора да бидат потпишани и скенирани;Пријава за аплицирање.docx - Google Docs
- - Биографија во Europass формат на англиски јазик. Пожелно е да се достават и препораки, иако истите не се задолжителни;
- - Писмо за мотивација
- - Копија од уверение/диплома за завршено високо образование
- - Доказ за работно искуство на проекти
- - Доказ за активно познавање на англиски јазик
Пријавите задолжително се доставуваат електронски на следната адреса eksperti2023@na.org.mk со Предмет: Повик за експерти 2023 година, најдоцна до 21 септември 2023 година.
Апликантите ќе добијат соодветна потврда за прием на нивната пријава по електронска пошта.
Пристигнатите пријави за надворешни експерти ќе поминат низ проверка на условите од јавниот повик врз основа на поднесените документи. Селекцијата на пристигнатите пријави ќе се извршува во следните фази:
- Техничка проверка. Оваа фаза вклучува проверка на комплетноста на поднесената документација. Се проверува достапност на сите потребни документи согласно барањата во повикот и утврдениот рок за поднесување на документите. Пријавите кои ќе ја поминат оваа фаза, преминуваат во наредната фаза.
- Квалитативна оценка. Се врши квалитативна оценка на поднесената документација, вклучувајќи ја биографијата, писмото за мотивација, евалуација на проект согласно критериумите наведени во повикот.
- Консултација со национален авторитет. Квалитативниот аспект на кандидатите (биографија, мотивационо писмо и записник од спроведениот избор во Националната агенција) ќе биде доставен на увид до овластено лице во Министерството за образование и наука како национален авторитет на Националната агенција на разгледување и потврдување.
Избраните експерти задолжително мора да ги поминат обуките за експерти организирани од страна на Националната агенција за која ќе бидат навремено известени, а воедно ќе ги добијат Водичите за надворешни експерти и други потребни документи за нивната работа.
Евалуација на добиените апликации:Комисија ги разгледува апликациите дали се доставени во пропишаната форма заедно со придружната документација како што е наведено во Повикот. Понатаму, ги оценува документите врз основа на систем на оценување и дава конечна оценка за соодветната апликација.
Квалитативното оценување ќе се оценува на следниот начин и тоа:
• максимум 40 бода за квалитет на биографија (CV) и мотивационо писмо и
• максимум 60 бода за евалуација на проект согласно наведеното во повикот:
– да умеат да оценуваат предлог-проекти и конечни извештаи согласно целите и приоритетите од Еразмус+ програмата;
– детално да ги познаваат правилата и процедурите поврзани со акциите во Еразмус+ програмата објавени на веб-страницата на Националната агенција;
– да бидат отворени за иновативни идеи кои би дале додадена вредност на предлог-проектите;
– да имаат аналитички вештини;
– да знаат да пишуваат извештаи за потребите на Еразмус+ програмата;
– да ги почитуваат зададените рокови.
Условот да се вклучи апликантот во базата на надворешни експерт-евалуатори е од можни 100 бода да има освоено минимум 70 бода.По направеното квалитативното оценување Комисијата ќе ги повика на интервју оние кандидати кои го поминале прагот од освоени минимум 70 бода.
Националната агенција ќе склучи поединечен рамковен договор со секој избран експерт за програмскиот период 2023 - 2027. Во рамковниот договор ќе бидат дефинирани задачите и обврските, роковите за нивна реализација, како и финансиската поддршка во зависност од обемот на нивната работа.
Надоместок за работата
Износот на надоместокот изнесува:
- За Клучна акција 1 - 55 евра
- За Клучна акција 2 - 90 евра
- За солидарни проекти - 55 евра
- За периодични/конечни извештаи - 90 евра
Националната агенција во согласност со реалните потреби, бројот на пристигнати пријави и достапноста на надворешните експерти ќе ангажира одреден број на експерти во текот на имплементацијата на програмите Еразмус+и Европски солидарен корпус. Националната агенција го задржува правото да ги контактира надворешните експерти од базата и во текот на наредните години во времетраењето на програмата Еразмус+ и Европски солидарен корпус. Експертите подлежат на редовно оценување на квалитетот на нивната работа. Исплатата ќе се реализира откако ќе се констатира квалитетно извршен ангажман.
Апликантите ќе бидат навремено информирани за резултатите од процесот на селекција. За дополнителни информации или забелешки во врска со резултатите на пријавените кандидати може се обратат во рок од 8 (осум) дена од приемот на известувањето за избор на соодветна електронска адреса наведена во известувањето
.
Општи мерки за спречување на корупцијатаНационалната агенција за европски образовни програми и мобилност, во јавниот повик за дополнување на базата на надворешни експерти за оценување на предлог-проекти и/или периодични или конечни извештаи од одобрени проекти, како и апликации за акредитации во рамките на програмата Еразмус Плус(2021-2027) и Европски солидарен корпус, ќе ги преземе сите потребни мерки со цел навремено откривање на корупцијата и отстранување или намалување на штетните последици од истата.
Доколку постои основано сомнение во врска со корупција во постапката може да пријавите на следната е-пошта: ukazuvaci@na.org.mk и nepravilnosti@na.org.mk.